Коалицијата ВЛЕН оценеува дека случајот „Ласкарци“ е симбол на неуспехот на судството, посочувајќи дека седум години по трагедијата семејствата на 16-те жртви сè уште чекаат правда, додека одлуката за укинување на пресудата на Апелациониот суд и враќање на предметот на повторно судење отвора простор за ново одолговлекување.
Од партијата велат дека многупати досега предупредувале оти случајот „Дурмо Турс“, заедно со низа други предмети, е директен показател за состојбата во судскиот систем, каде што јавноста сведочела на сомнителни одложувања, медицински извештаи и непочитување на судските одлуки.
„Довербата во судството, која падна на само два отсто, не исчезна преку ноќ. Само супервештачењето за случајот Ласкарци помина 315 дена во Бирото за судски вештачења. На чело на Бирото во тој период беше Валдет Џафери, функционер на ДУИ. Тоа покажува дека предметот не се одолговлекуваше сам од себе“, се вели во реакцијата на ВЛЕН.
Од таму нагласуваат дека судството мора да се реформира од корен и додаваат дека новиот министер за правда ја започнал оваа работа со јасна определба ваквите случаи повеќе да не бидат заложници на неефикасноста и злоупотребите во системот.
ВЛЕН бара без одложување да биде објавено образложението на судската одлука и предметот да се процесира со приоритет, без нови процедурални игри, порачувајќи дека семејствата на жртвите не смеат повторно да се враќаат на почеток.













