Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, побара јавно извинување од советничката група „Шанса за Центар“ за како што вели „навредувачкиот и нахален однос“ кон претседателката на Советот и општинските служби за време на јавната презентација на Нацрт-деталниот урбанистички план за градската четврт Ј 05 – Барутана.
„На јавната дебата имаше поединци кои беа очигледно инфилтрирани со цел да прават театар, да снимаат со мобилни телефони и потоа селективно да пренесуваат само она што им одговара. Затоа, барам јавно извинување од советничката група „Шанса за Центар“ за нивниот навредувачки и нахален однос кон претседателката Виолета Велковска и администрацијата која го образложуваше Нацрт-ДУП-от“, рече Герасимовски.
Во тензична атмосфера помина јавната презентација во Општина Центар на деталниот урбанистички план за Барутана на која од „Шанса за Центар“ побараа од општинската администрација да гарантира дека новиот план е безбеден по животите на граѓаните.
„Што треба да ни се случи, да дојде Водно на Плоштад. Колку пати сте биле на местото – ако сте биле 20 пати, сега барам од вас да потпишете изјава дека животот на луѓето нема да биде во опасност“ рече Билјана Ивановска од Шанса за Центар и побара од претседателката на советот да потпише изјава со која ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.
Герасимовски вели дека критиката и различното мислење се составен дел од демократската дебата, но тоа не може да биде оправдување за навреди и непочитување кон луѓето кои ја претставуваат институцијата.
Со новиот план за Барутана се предвидува изградба на 25 нови објекти со дозволена градба до два спрата плус приземјето на површина од 29 000 квадратни метри.
Герасимовски вели дека претходниот ДУП е укинат со судска одлука и дека законска обврска на локалната самоуправа е да започне постапка за изработка на нов план.
Нацрт-ДУП-от за Барутана е на јавна анкета до 14 септември.
С.Б













