Сто илјади евра на две рати, напишал на екран од телефон екс директорот на земјоделскиот инспекторат Васе Анакиев и му ја покажал без да ја изговори сумата на средбата чија локација му била соопштена 15 минути претходно. Вака сведочеше Методиј Манов, сопственикот на фирма која го пријави за поткуп Анакиев.
Сопственикот на фирма за увоз и извоз на вештачко ѓубриво во детали раскажуваше како растел притисокот од обвинетиот со инспекции и казни и јасно им било дека станува збор за рекет.
„Во рок од 20 дена имавме 22 записници за вонреден инспекциски надзор. Ни се враќаа камионите од граничните премини. Имаше случаи еден камион три пати да го вратат за ситници за кои конкуренцијата слободно минуваше. За сè имаме документ. Во разговор со шпедитерите и со еден цариник ни рече: „Деца, не се малтретирајте, ова е класичен рекет, завршете си ја работата,“ сведочеше Методи Манов.
На средба во кабинетот на Анакиев нему и на неговиот брат им било кажано дека не работат законски, иако по тие закони и правилници увезувале ѓубриво 20 години, сведочеше Манов. Потоа камионите им биле запрени на граниичниот премин Делчево. А потоа стигнала и понудата за поткуп преку нивниот шпедитер.
„Шпедитерот прво не сакаше да каже сума, затоа што му беше страв. Кога камионите седеа четири-пет дена на граница рече: „Ќе се реши проблемот, бараат 100.000“. Јас и брат ми бевме фрапирани. После се одваживме како фирма, знаевме дека сме правични и немаме вина, и го пријавивме“, рече Манов.
По ова следувала средба меѓу бизнисменот и Анакиев во хотелот кај Свети Николе на која биле договорени деталите, а по која камионите биле пренесочени на Деве Баир од каде биле пуштени, а после неколку дена Манови преку шпедитерот ја испратиле првата рата.
Тој негира вина, а теоријата на случај според одбраната е дека на сведокот прекршоците му биле толерирани 20 години, сега Анакиев сакал да воведе ред во увозот на ѓубривото.
Обвинителката, пак, рече дека многу ретко поткупот се бара директно, формите стануваат пософистицирани, криминалитетот еволуира. Барачите на поткуп се повнимателни, а неретко како во овој случај сумите се пишуваат на телефон за да не бидати говорени и снимени.
Според обвинението, на 19 март годинава пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра по што обвинетиот бил приведен. Од тогаш Анакиев е во ефективен притвор.
Елена Ивановска Мукоска













