„Боите на слободата“ е насловот на изложбата отворена денеска во Музејот на Македонија, по повод 35-годишнината од независноста на државата. Изложбата ја иницираа кустосите од музејските сектори за историја и историја на уметноста: Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска и Здравко Стојковски. А, во проектот се вклучиле и други соработници од музејот, кажа директорот Ристевски.
„Иницираа еден интересен интердисциплинарен проект, каде што покриваме доста историски фотографии, артефакти, документи и предмети, заедно со голем дел од најбитните автори на современата македонска уметност, кои ги имаме во колекцијата на музејот“, изјави Александар Ристевски, директор на Музејот на Македонија.
Поставката ја презентира борбената и творечката традиција, како трајно наслество на македонската државност и идентитет. Базирана е на трите темели: Идеалот на Илинден, жртвите во НОБ и волјата на граѓаните за самостојна држава, искажана на референдумот од 8 септември 1991 година. Сликите и скулптурите од првата и втората генерација основоположници на современата македонска ликовна сцена, како и артефактите, носат историска, социјална и естетска порака.
„Овие дела не потсетуваат дека слободата е највредното наследство што го имаме и дека таа секогаш бара да ја чуваме, почитуваме и надградуваме“, изјави Татјана Трајковиќ, кустос во секторот за Историја на уметност во Музејот на Македонија.
„Тие ја пренесуваат енергијата на генерации преродбеници, револуционери, партизани и уметници, кои оставиле неизбришлива трага во изградбата на современиот македонски културен идентитет“, изјави Марија Петковска, кустос во секторот за Историја на уметност во Музејот на Македонија.
Изложбата ќе биде отворена во следниве два месеца, период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот во кој што работи денес.
Сотир Трајков













