Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Будимир Апостолски, човекот што преку копаничарството ја шири македонската традиција низ светот – репортажа на Телма

/

Македонија

Сподели преку :

Иако има изработено повеќе од 1.300 копаничарски дела уметникот Будимир Апостолски од Тетово не запира. Неговите раце над 30 години го претвораат парчето дрво во приказна, чувајќи ја македонската традиција од заборав.

Мирисот на ореово дрво, звукот на длетото и трпеливите движења на уметникот. Во ова тетовско ателје веќе три децении се создаваат дела кои не се само украс, туку сведоштво за една вековна македонска традиција. Копаничарството, уметност препознатлива по раскошните иконостаси и резби, и денес живее благодарение на луѓе како Будимир Апостолски  или Буде Пишман како што сите во Тетово го познаваат под овој прекар.

За да се создаде една резба, најнапред се избира соодветното дрво, најчесто орев, а потоа со длето и чекан, преку стотици внимателни движења, од едно обично парче постепено се појавува ликот што претходно постоел само во замислата на мајсторот.  

Во копаничарството, голем е предизвикот,  да се достигнат мајсторите чии дела од пред неколку века сè уште се во македонските цркви. Како што пред неколку стотини години резбите во дрво оставиле сведоштво за вековниот македонскиот национален и културолошки идентитет, копаничарството и во иднина треба да остане кај народот како начин на зачувување на македонската препознатливост, вели тетовскиот уметник.

Тетовскиот копаничар ни раскажа дека најмногу го користи дрвото од орев врз кое успева да оформи одреден лик. Применува или изработува сите видови резба-поткопана, ажурна, плитка, длабока.  Копаничарството подразбира рачна работа со алатки и никогаш не се користи машина или апарат.

Неговите резби денес се дел од значајни објекти низ Македонија. Го красат Музејот на македонската револуционерна борба за самостојност, Бигорскиот манастир, како и бројни цркви каде изработувал нови или реставрирал стари иконостаси. Секое дело, вели, е различно и носи своја приказна.

Разговорот го продолжуваме на темата дали копаничарството е уметност и традиција, но и занает, со заклучок дека веројатно е сето тоа. Тетовскиот уметник ни раскажа за темите според кои се прават разби- пред сè православни икони, па фигури и разни предмети.

За Буде Пишман копаничарството не е само техника на обработка на дрвото. Тоа е дел од македонскиот културен идентитет, наследство што сведочи за историјата, верата и традицијата. Затоа неговата најголема желба не е само да создава нови дела, туку да остави нови копаничари кои ќе продолжат да ја чуваат оваа вредна уметност и за идните генерации.

Иако по професија е економист, љубовта кон сликарството го довела до резбарството. Во деведесеттите години самостојно ги направил првите чекори, а потоа се усовршувал кај охридски копаничар.

Часовите поминати во ателјето никогаш не се замор за уметникот Апостолски. Напротив. Додека длетото остава траги во дрвото, тој вели дека токму тогаш најмногу се одмора. Копаничарството за него не е работа, туку начин на живот – тивок разговор со дрвото, со традицијата и со македонската историја. Затоа неговата најголема желба е оваа вековна уметност да продолжи да живее и по него, преку новите генерации копаничари.

Зад себе има две самостојни изложби, а неговите резби денес се наоѓаат во домови, цркви и колекции низ Македонија, Европа и светот. Секоја изработена икона и секоја резба носи дел од неговата приказна, но и од македонската традиција.

Иако зад себе има повеќе од три децении посветени на копаничарството и над 1.300 создадени дела, Будимир Апостолски не размислува да прекине со творештвото. Додека има парче дрво, длето во раката и инспирација во срцето, вели, ќе продолжи да твори – оставајќи нови дела, но и нови чувари на една од највредните македонски уметнички традиции.

Автор: Александар Самарџиев-новинар

Jumbo 2