Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Лешок, село што се менува, но не го губи духот – репортажа на Телма

/

Македонија

Сподели преку :

Лешок со својот Лешочки манастир е едно од најпознатите и најпосетуваните села во тетовскиот регион, но како населено место живее меѓу два спротивставени процеси. И ова како и многу села низ Македонија се соочува со предизвикот сè повеќе луѓе да го напуштаат селото во потрага по подобра егзистенција во други места или пак во странство, но истовремено се градат и нови куќи пред се викендички, па населбата се проширува.

Овој необичен спој на иселување и градежен развој создава нова слика за селото – со сè помалку постојани жители, но со сè повеќе викенд-домови и посетители.

Борче Стојчевски, член на месната заедница, вели дека токму проширувањето на Лешок го отвора и најголемиот инфраструктурен предизвик – обезбедувањето доволно вода за пиење, за што мештаните бараат поддршка од надлежните институции. Иако е водата е проблематичен сегмент,  смета дека животот во ова село е добар, а иселувањето се должи на желбата кај луѓето за подобро платена работа за која се смета дека може да ја добијат надвор од своето родно место.

Митко Спировски, хроничар на Лешок и автор на дваесетина книги посветени на историјата, традицијата и животот на селото, вели дека печалбарството е длабоко вкоренето во овој крај и трае со векови. Според него, генерации лешочани заминувале во потрага по подобар живот и егзистенција, но врската со родното место никогаш не ја прекинувале. Дел од нив по долгите години поминати во странство се враќаат во Лешок, додека други, иако остануваат да живеат надвор од Македонија, продолжуваат да вложуваат во своето родно село – градат домови, го обновуваат семејниот имот, помагаат во реализација на проекти и ги поддржуваат локалните иницијативи. Токму благодарение на таа силна поврзаност со родниот крај, ова шарпланинско село, и покрај долгата традиција на иселување, успева да се развива, да го зачува својот дух и да остане живо.

Во долниот дел на Лешок, од двете страни на регионалниот пат, со децении се простираат плодни ниви што беа главниот извор на егзистенција за многу семејства. На овие полиња се одгледуваа жито, пченка и разновидни градинарски култури, а земјоделството беше двигател на локалната економија. Денес, сликата е значително изменета. Наместо обработливи површини, никнуваат индустриски погони, магацини, ресторани, базени и викенд-населби, оставајќи сè помалку простор за традиционалното земјоделство.

Но, и покрај овие промени, Лешок успева да ја зачува својата поврзаност со природата. Наместо на нивите, сè повеќе жители ја пронаоѓаат својата иднина во пчеларството. Одгледувањето пчели станува не само дополнителен извор на приходи, туку и начин да се продолжи вековната врска со шарпланинската природа, која и понатаму претставува едно од најголемите богатства на ова село.

Црквите „Успение на Пресвета Богородица“ и „Свети Атанасиј“, старата манастирска црква, вековниот конак, како и гробот на големиот преродбеник и игумен Кирил Пејчиновиќ, се само дел од богатото наследство што го сочинува Лешочкиот манастирски комплекс. Овој духовен простор со векови претставува не само место на вера и молитва, туку и вистинско огледало на културниот, историскиот и духовниот развој на Лешок и поширокиот полошки регион.

Историските сведоштва укажуваат дека Лешок во минатото имал значајна црковна улога и бил епископско седиште, што придонело низ вековите тука да се градат бројни храмови и манастирски објекти. Тие градби денес сведочат за времињата кога Лешок бил важен духовен центар, во кој се преплетувале верата, просветата, книжевноста и културата. Токму поради тоа, селото и денес го носи епитетот на место со исклучително историско значење.

Отец Александар Стојановски потсетува дека денешниот манастирски комплекс е сведоштво за повеќевековниот историски континуитет, низ кој се менувал, обновувал и опстојувал Лешочкиот манастир.

 

Епископското наследство не е заборавено и по толку поминати векови.  На едно од повеќето места каде постојат темели, група верници од Лешок поведе иницијатива за возобнова на храм со цел да биде месна парохиска црква. Во 2010 врз стари темели е почната возобновување на храмот посветен на Свети Николај Мирликиски Чудотворец. Црквата беше завршена и осветена минатата 2025 година.

Црковниот одбор работи на изградба и на други придружни објекти за да местото да го добие целокупниот духовен сјај.


Освен богатото историско и духовно наследство, Лешок својот идентитет го гради и преку природата која го опкружува. Расположено во подножјето на Шар Планина, селото нуди пејзажи кои со години привлекуваат посетители, љубители на планината и оние кои бараат мир и спокојство далеку од градската бучава.

Чистиот воздух, зеленилото, планинските предели и близината на природните богатства се потенцијал кој сè повеќе добива значење во време кога луѓето повторно се враќаат кон автентичниот начин на живот. Токму природата е една од причините поради кои Лешок останува привлечно место – не само за оние кои се родени тука, туку и за сите кои во ова шарпланинско село гледаат можност за одмор, престој и нова животна приказна.

 Александар Самарџиев

Jumbo 2