Државната лотарија ги спонзорираше настаните поврзани со прославата на 35-годишнината од независноста, премиерот Мицкоски вели дека од буџетот биле потрошени нула денари.
„ Сите овие настани Буџетот и граѓаните ги чинат нула денари. Слободно можете да проверите на ‘Отворени финансии“ и ќе видите дека сѐ е ова нула денари. Сѐ е организирано од општествено одговорни компании“ – рече Христијан Мицкоски, премиер
Од буџетот навистина не се потрошени пари, но се потрошени пари од Државната лотарија, која пак е во целосна државна сопственост. Настаните поврзани со прославата ги организираше Авалон продукција, преку нивната фирма Стардаст, со пари од Државната лотарија. Според законот, Авалон има 30 дена до Лотарија да достави извештај за што ги потрошиле парите и колку чинеле настаните што ги организираа.
Во Лотарија велат дека како државна фирма биле задолжени од владата да ја спонзорираат прославата, но оти за парите треба да се обратиме во владата. Владината портпаролка ни рече дека подготвуваат одговор, но до почетокот на овие вести не го добивме.
Прославата не е организирана според Законот за јавни набавки, па затоа не може да се најдат податоци во системот за јавни набавки, туку според Законот за спонзорства и донации. Директорот на Лотарија Александар Климовски, во телефонски разговор за Телма, вели дека откако биле задолжени од владата, и покрај тоа што немале законска обврска, но поради поголема транспарентност, на 30 април годинава распишале јавен повик за прибирање понуди за спонзорирани настани за прославата на независноста. Во јавниот повик се бара ангажирање на А класа светски артист со А класа продукција, настан на отворено со минимум 30.000 посетители, организирање на настан на интернационална светска ѕвезда од А класа, во придружба на плејада на македонски артисти и организирање на минимум 12 настани во целата земја во форма на театарско и визуелен перформанс со концепт 35 години независна Македонија. Лотарија формирала Комисија од надворешни лица која ќе ги разгледува понудите, но се пријавиле само Авалон, односно Стардаст, кои ја добија организацијата.
Во повикот може да се препознаат концертите на Дејвид Гета, Хозе Карерас и настаните „Силно светнал ден“, кои се организираа во август и во септември во повеќе градови.
На постерите за настаните од прославата стои дека Државната лотарија е генерален спонзор, но како спонзори се јавуваат и други приватни фирми.
Срѓан Стојанчов













