Повеќе од 20 години учениците од земјава се под просекот во разбирањето на она што го учат во основното образование. И по математика и по природни науки резултатите се поразителни. Ова го покажува најновото тестирање на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД.
Министерката за образование, Весна Јаневска, тврди дека вината за лошите резултати не ја гледа кај себе. Според неа, ќе треба да помине една деценија за да се видат ефектите од реформите што ги спроведува актуелната власт.
„Резултатите на ПИСА повторно се многу лоши, но сакам да потенцирам дека ова се резултати од реформите кои беа претходно направени. Ние на власт дојдовме 2024 година, само шест месеци пред да бидат направени овие тестирања. Резултатите од овие реформи кои сега се прават ќе може да ги видиме кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за девет до десет години отсега“, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука
Но, каде потфрлиле минатогодишните новини во образованието, нема детали. Евидентно е дека сегашните резултати се слаби.
„Околу 36% од учениците во Македонија го достигнале второто ниво или повисоко во природните науки, додека просекот во земјите на ОЕЦД изнесува 74%“
Во тестирањето учествувале 6.977 ученици од 124 училишта, а ова се резултататите по математика.
„Во Македонија, 32% од учениците постигнале барем ниво 2 на познавање на математиката. Околу 1% од учениците постигнале најдобри резултати по математика, што значи дека постигнале ниво 5 или 6 на тестот“
Околу 35 проценти од учениците изјавиле дека вниманието редовно им го одвлекуваат телефоните и другите дигитални уреди за време на наставата.
Министерката Јаневска вели дека веќе е забрането користењето мобилни телефони за време на наставата и смета дека со тоа учениците повеќе ќе се посветат на пишување и читање.
Тамара Марковска













