Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Илјадници години долгата историја на македонското тло претставена во Археолошкиот музеј

/

Култура

Сподели преку :

По повод прославата на 35- годишнината на независноста на Македонија, НУ Археолошки музеј на Македонија го подготви проектот „ 35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Според директорката на музејот , Магдалена Манаскова, целта е да се долови долгата и богата историја на формирање на македонскиот идентитет низ различни влијанија, на територијата на денешната Република.

Одбравме 35 предмети од постојаната музејска поставка на Националниот Археолошки Музеј. И преку нив раскажавме 35 приказни, за да потенцираме дека она што значи историја, она што значи култура и идентитет, е постаро од 35 години, рече Магдалена Манаскова- директорка на НУ Археолошки музеј на Македонија.

Изборот на презентираните предмети е фокусиран на артефакти кои досега не ѝ биле многу познати на јавноста, а се значајни исто како ремек- делата што ги поседува Археолошкиот музеј. Тие се обележани со македонски знамиња.

Водичи за посетителите низ оваа пригодна поставка се македонските знамиња, поставени на стаклените витрини. Артефактите кои тие ги обележуваат потекнуваат од периодот на палеолитот, неолитот, железното време, антиката, римскиот период, доцноантичкиот период, средновековието, па сѐ до поновата историја.

Зад секој предмет се крие приказна, што може да се прочита во каталогот, промовиран денеска. Приказните се напишана на едноставен јазик за граѓаните.

Приказните, освен тоа што го објаснуваат предметот и неговата намена, ни нудат и многу информации за луѓето кои што ги користеле пред сѐ овие предмети. Освен нивната употребна вредност, за тоа од каде потекнуваат, има многу интересни приказни и за влијанијата кои што ги имала територијата на денешна Република Македонија. Меѓутоа и влијанијата кои што ги трпела од останатите заедници , кои што ја опкружувале, кажа Манаскова.

Во контекст на денешното празнување, вратите на Археолошкиот музеј ќе бидат отворени за бесплатна посета до 18 часот. А, пригодната поставка ја јавноста ќе биде достапна до крајот на септември.

Сотир Трајков