70-годишен пациент со повеќе хронични заболувања е осмата жртва на западнонилска треска. Пациентот десетина дена бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, во тешка здравствена состојба и поставен на механична вентилација.
„Тоа е пациент кој беше примен на Клиниката за инфективни болести на 25ти август во изразито тешка состојба. Веднаш по приемот беше сместен во оделот за интезивно лекување, интубиран и поставен на механичка вентилација. Починатиот имаше доста сериозни хронични заболувања“, изјави Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.
Во моментов на Инфективната клиника се лекуваат осум пациенти со западнонилска треска. Двајца од нив се со потешка клиничка слика и се на интезивно лекување, поставени на механичка вентилација. Тие се хоспитализирани подолг период, но засега нема подобрување на нивната состојба. Сите хоспитализирани пациенти се постари од 60 години.
Досега се евидентирани повеќе од 50 пациенти со западнонилска треска кои имале повеќе заболувања. Сите починати се повозрасни мажи над 60 години со повеќе заболувања.
Се уште важи епидемијата на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.
Тамара Марковска













