Осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести – информираше денеска на прес-конференција директорот на Клиниката за инфективни болести-Скопје, Фадил Цана.
Во текот на викендот е регистриран и осмиот смртен случај од овој вирус. Станува збор за седумдесет годишен пациент, кој на 25 август бил примен во изразено тешка состоба.
„Веднаш по приемот беше сместен во одделот за интензивно лекување, интубиран и беше на механичка вентилација. За целиот овој десетдневен престој, пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман, целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход“, вели Цана.
Од осумте хоспитализирани пациенти, двајца се со потешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивно лекување, интубирани се и се на механичка вентилација. Директорот на Клиниката за инфестивни болести додаде дека освен еден пациент од Свети Николе, сите останати се од Скопје и се на возраст од над 60 години.
Тој истакна дека веќе четири дена не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести.













