Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пелистер, дом на моликови шуми, свеж воздух и ретки животни, убавина од која запира здивот – репортажа на Телма

/

Македонија

Сподели преку :

Од Битола до Пелистер има десетина километри. Доволни се неколку минути за градската врева да ја заменат моликовите шуми, свежиот планински воздух и природата што со децении го прави Пелистер едно од најпрепознатливите места во Македонија.

Оддалеку изгледа мирен. Но, никогаш не е ист. Овде природата го диктира ритамот, а човекот е само нејзин гостин.

Не случајно е прогласен  за првиот национален парк во Македонија. Речиси осум децении подоцна, Пелистер останува едно од најзначајните природни богатства во државата, предмет  на бројни научни истражувања, но и причина поради која илјадници луѓе секоја година повторно се враќаат.

За посетителите полесно и побезбедно да ја доживеат планината, Националниот парк во изминатиот период работеше на обновување на туристичката инфраструктура – патеки, информативни табли и уредување на најпосетените локалитети.

Пелистер сè повеќе привлекува љубители на активниот туризам. Во срцето на Националниот парк се наоѓа хотелот „Молика“, најголемиот сместувачки капацитет на планината, кој очекува повеќе домашни и странски гости.

Но, вистинската приказна за Пелистер не ја раскажуваат ниту бројките, ниту проектите. Најдобро ја знаат луѓето што со децении ги минуваат неговите патеки. Еден од нив е Петар Ставрев – планинар и новинар, кој повеќе од шест децении речиси секоја недела се искачува на Пелистер. И на свои 85 години, традицијата не ја прекинува.

Во сите сезони Пелистер привлекува планинари, велосипедисти и љубители на природата. Годишно Националниот парк го посетуваат околу 50 илјади посетители.

Една од најчестите забелешки на посетителите останува патот до Националниот парк. Подобрата инфраструктура би значела полесен пристап и повеќе посетители.

Во план е и изградба на гондола од Цапари до Антена, инвестиција проценета на над 58 милиони евра. Експертите велат дека развојот мора да оди паралелно со заштитата на природата.

-Нашиот предлог е гондолата да започнува од подрачјето на Цапари, од локација што дополнително ќе се утврди. Првата делница би била со гондола за 10 лица до Ловечкиот дом, а оттаму со поголема гондола, со капацитет од 80 лица, до врвот Пелистер. На меѓустаницата е предвиден помал бар или ресторан, додека кај објектот на Македонската радио-телевизија на врвот би се изградил поголем ресторан. Таа инфраструктура би се користела во текот на целата година. За посетителите е предвидена и ротирачка платформа за разгледување, која ќе овозможува панорамски поглед од 360 степени, вели Франц Фурлан, експерт за жичници од Словенија, изјава 5

Но развојот носи и поголема одговорност. Подеднакво важно е да се зачува она поради што Пелистер е препознатлив.

Минатогодишното силно невреме остави сериозни последици врз дел од старите моликови шуми. Голем број стебла беа оштетени, а денес приоритет е воспоставувањето шумски ред, расчистувањето на оштетените површини и природното обновување на шумата.

Одговорноста за зачувување на природата не завршува со институциите. Таа започнува со секој посетител. На тоа потсети и шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Солстром, при посетата на Националниот парк Пелистер.

„На индивидуално ниво, можеби Швеѓаните можат да ги научат Македонците да не фрлаат ѓубре –во шумите. Во Македонија можеби има подобро овошје и зеленчук отколку во Шведска, но ние сме подобри затоа што не фрламе ѓубре во природата. Тоа е лекцијата што може да се научи од шведскиот народ- рече Ола Солстром, амбасадор на Шведска во Македонија 

Пораката е едноставна Токму таквата свест е предуслов Пелистер да остане зачуван и за генерациите што доаѓаат.

Пелистер е многу повеќе од национален парк. Тој е дом на ретки видови и едно од највредните природни богатства во Македонија. Предизвиците се големи, но целта останува иста – да се развива, без да го изгуби она што го прави единствен.

Новинар Емилија Мисирлиевски

Снимател Златко Јосифовски

Jumbo 2