Штипските пожарникари и оваа летна сезона гаснеа пожари низ шумски предели, а од огнените јазици спасуваа куќи и викендици. Новиот топлотен бран го зголемува ризикот од нови пожари. Според командирот на штипските пожарникари, Благој Ренџов ризични остануваат планините, каде што теренот за пристап на возила и за луѓе е непристапен, карпест и стрмен. За пожарникарите најкритична е планината Серта.
„Критични места се регионот кон Општина Карбинци, планината Плачковица, од другата страна Трогерци, каде граничиме со Општина Свети Николе, па следува Серта со селата Лакавица, Лесковица, Селце, Пухче. Овде имаме критични села, непристапен терен, со многу падната маса, што ни го отежнува гасењето на пожарите“, вели Благој Ренџов, командир на ТППЕ Штип.
Возниот парк е солиден и се технички солидно опремени, но недостасуваат пожарникари. Недостатокот се надополнува преку Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„ДЗС од почетокот на сезоната ни донесе возила на интервентната пожарна. Располагаме со четири ПИНЦ-а, два БТР, нон-стоп имаме лица од Дирекцијата кои дежураат овде, кои се овде 24 часа и кои навистина ни помагаат во гаснењето на огнените стихии“, додаде Ренџов.
Според Центарот за управување со кризи, од 1 јуни до 31 август годинава на територија на Македонија се регистрирани 1.696 пожари од кои 69 биле шумски, додека останатите биле на сува трева, стрништа, депонии. Пожарите најголеми штети врз шумите предизвикале во 2022 година.
Викторија Јованова













