Велешките пожарникари вечерва го ставија под контрола пожарот во околината на селото Ногаевци, за којшто директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов изрази сомневање дека е намерно запален и рече дека полицијата ќе го истражува случајот.
Ангелов во вечерашната изјава кажа дека овие свои сомнежи ги темели на искази на локалното население. Врз пожарот, освен велешките пожарникари и локалното население, интервенираа и двата Ер трактори.
Вечерва исклучително тежок пожар има во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде гаснат скопските пожарникари и луѓе од „Национални шуми“. Пожар има во атарот на кумановското село Матејче, којшто се движи кон манастирот во Матејче. Пожарот кој од косовска страна се спушти на наша територија долж реката Лепенец е ставен под делумна контрола, и се очекува утре да биде ставен под целосна контрола или да биде изгаснат.













