Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Виткоф и Кушнер денеска во Москва на средба со Путин, утре во Киев со Зеленски

/

Свет

Сподели преку :

Денеска во Москва, утре во Киев. Двоецот посредници Виткоф – Кушнер викендот на одделни средби со Путин и Зеленски во обид да дадат нов импулс на напорите за завршување на руско-украинската војна која трае веќе петта година. Американската делегација претпладнево слета во Москва и со силно полициско обезбедување се упати во Кремљ на разговори со Путин.

Викенд турнејата на Виткоф и Кушнер ја најави американскиот претседател Доналд Трамп кој уверува дека неговите специјален пратеник и зет отпатуваа во Русија и во Украина за повторно да го почувствуваат пулсот на двете страни, но и со предлог за ставање крај на крвопролевањето.

„Имаме идеја за мир. Видете, јас сум решил осум војни. Според мене, повеќето од нив требаше да бидат потешки од онаа меѓу Русија и Украина. Во случајот со Русија и Украина постои личен проблем. Ги имате (украинскиот) претседател (Володимир) Зеленски и (рускиот) претседател (Владимир) Путин. Тие навистина се мразат еден со друг. Знаете ли што е омраза? – Тие чувствуваат силна омраза и таа им стои на патот. Ги испратив Стив Виткоф и Џаред Кушнер, двајцата одлични преговарачи. Тие завршија одлична работа. Ги испративме таму за да видиме дали можеме нешто да постигнеме. И постојат добри изгледи дека ќе успееме во тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Киев се подготвува за дочек на Виткоф и Кушнер на разговори за крај на конфликтот. Украинскиот претседател во објава на Телеграм порача дека неговата земја ќе се воздржи од воздушни напади за време на преговорите, повикувајќи ја Русија да возврати со смиреност за време на преговорите.

„Од наша страна ќе нема воздушни напади, а Русија мора да возврати со обезбедување период на смиреност, без сопствени воздушни напади, за време на овие преговори и решавање на логистичките прашања поврзани со оваа американска посета. Нашата цел е посетата и разговорите со американската страна да бидат што е можно поконструктивни и суштински. Треба да бараме реални опции за тоа како да се стави крај на оваа војна. Ќе видиме какви предлози имаат Стив и Џаред и што ќе каже Москва за нив“, истакна Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Иако официјална Москва до последен момент не ја потврди посетата на американските посредници, сепак, Путин на меѓународен економски форум во четвртокот изјави дека „постојат шанси“ за мировен договор, иако не покажува знаци за отстапки од максималистичките барања кои вклучуваат дополнителни територијални отстапки од страна на Украина. Киев и неговите европски сојузници постојано ги отфрлаат условите на Путин, оценувајќи ги како рамни на капитулација. Русија започна целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година и моментално контролира околу 20% од нејзината територија.

Посетата на Виткоф и Кушнер доаѓа среде интензивна воздушна камнпања меѓу Русија и Украина, но и во период на локално примирје постигнато со посредство на Меѓународната агенција атомска енергија кое стапи на сила ноќеска на полноќ и најавено е дека ќе трае четири дена. Целта е поправка на далекуводите за надворешно напојување на нуклеарката во Запорожје која од 20 август се потпира само на генератори за итни ситуации за ладење на нејзините витални безбедносни системи, иако залихите на дизел гориво се намалуваат од ден во ден, доведувајќи го во ризик нормалното функционирање на централата.

Сашко Димовски