Тече вториот ден од рокот за упис на новите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Главниот термин за физичко запишување е 3 и 4 септември, но кандидатите треба внимателно да ги следат инструкциите на својот факултет, бидејќи дел од единиците имаат различни термини и дополнителни услови.
За упис се потребни индекс, студентска легитимација, пријавни листови, три фотографии и потврда за уплата од 750 денари за ИКСА на УКИМ, а факултетите може да бараат и дополнителни уплати. Особено внимание треба да се посвети на роковите. На некои факултети пропуштањето на определениот термин може да значи губење на местото.
Новина е што образецот ВОИ.20 повеќе не се пополнува рачно, туку електронски преку Националниот портал за е-услуги. Кандидатите треба навреме да го поднесат образецот и да ги проверат упатствата на својот факултет, бидејќи без ВОИ.20 уписот на некои факултети нема да може да биде завршен.













