Вкупно 1.883 барања се поднесени и разгледани за остварување на правото на биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) во последните 12 месеци, а дури 237 од нив се однесуваат на четврти, петти или шести обид, информираат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
„Од 237 поднесени барања, 216 се за четврти обид, 17 барања се за петти обид и 4 барања се за шести обид. Зад секоја од овие бројки стои семејство што добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршувала“, се вели во соопштението од Фондот.
Измените на Законот за здравственото осигурување беа објавени во „Службен весник на РСМ“ бр. 144 од 17 јули 2025 година, а веќе на 7 август 2025 година комисијата за БПО ја одржа првата седница на која можеа да бидат разгледувани барања за четврти, петти и шести обид.
За БПО постапки извршени во осум здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, во 2025 година се реализирани повеќе од 97,3 милиони денари.













