Што претходело на сомнителниот случај, кога пред два дена беше пронајден мртов струмичанец пред клиничката болница во Битола. Ова прашање се отвори, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како непознат маж го влече по калдрмата на Широк сокак додека е во бессознание.
Од обвинителството за Телма потврдуваат дека се работи за истиот човек кој наредниот ден напладне пред болницата е пронајден мртов. Од обвинителството велат дека претходно ноќта добиле само усно известување за тепачка која се случила во близина на локацијата каде е снимено видеото, но писмено известување за било каков настан од МВР немаат.
Според првичните сознанија на обвинителството, струмичанецот по тепачката се јавил во ургентниот центар во болницата и по прегледот бил испратен на дополнителни испитувања. Што се случило во меѓувреме, никој не кажува.
Во врска со видео снимките од социјалните мрежи, ве информираме дека од страна на СВР Битола утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката, при што за расветлување на настанот повикани се повеќе лица на службен разговор. На 31.08.2026 во 03:45 часот во СВР Битола е пријавено дека во близина на хотел на ул.„Широк Сокак” има нарушен јавен ред и мир со тепачка. Веднаш по добиената пријава, постапено е од страна на полициските службеници и СВР Битола презема мерки за целосно расчистување на оваа пријава, велат од МВР.
За сега за разлика од обвинителството , од МВР не одговораат на прашањата дали овие два настани се поврзани и дали повиканите на разговор се осомничени за убиство, а човекот кој е влечен е мртвиот од пред клиничката болница. Телма неофицијално дознава дека причина за смртта на 39-годишниот Ј.И. бил срцев застој, но официјално известување од обдукцијата засега нема. Од обвинителстовто велат дека целосно се испитува настанот.
Билјана Николовска Тодорова













