Над девет проценти од децата на возраст од 12 до 17 години во Македонија, доживеале барем една форма на технолошки олесната сексуална експлоатација и злоупотреба – покажа новото истражување кое УНИЦЕФ го објави претпладнево.
Истражувањето кое опфаќа вкупно 21 земја нотира дека просечната преваленца е 18 отсто.
Македонската преваленца е највисока меѓу деветте земји вклучени во вториот круг од истражувањето кај деца кои добивале закани или уцени да се вклучат во сексуални активности (4,4%, во споредба со просекот од 3%) и кај деца кои добивале закани од ширење сексуални слики или видеа од нив (4,2%, во споредба со просекот од 2%).
Исто така, нашата држава ја има највисоката преваленца меѓу деветте земји кај децата кои пријавиле дека биле креирани сексуални слики или видеа генерирани од вештачка интелигенција што ги прикажуваат нив (4,3%). Тоа всушност, е повеќе од двојно во однос на просекот од 2,0% во сите земји.
Овие наоди посочуваат дека новите технологии создаваат нови ризици по безбедноста на децата на интернет – предупредуваат од УНИЦЕФ.
Училиштето и домот – места каде децата првпат ги сретнале сторителите
Со компаративната анализа се побиваат вообичаените претпоставки за злоупотребата онлајн.
Осум од десет (80%) инциденти вклучувале некого што детето веќе го познавало, т.е. пријатели, членови на семејството, романтични партнери или познајници, во споредба со просекот од 57% во земјите-учеснички. Ова е највисокиот процент пријавен меѓу земјите вклучени во студијата.
Над половина од сторителите (52,8%) првпат биле запознати на јавно место, во споредба со просекот од 23% во деветте земји опфатени во анализата. Училиштето и домот, исто така, биле важни места каде што децата првпат ги сретнале сторителите.

Едно од 10 деца на возраст од 12 до 17 години во период од една година во државава биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, што претставува 12.000 деца на национално ниво. Од нив 48 отсто биле изложени на повеќе од една форма на злоупотреба или експлоатација. Поеднакво се засегнати и момчињата… Продолжи со читање
Овие наоди нагласуваат дека злоупотребата со помош на технологија не е само онлајн- појава и често произлегува од постоечките односи на децата и од секојдневните средини.
Но, Македонија бележи и најголем процент на полнолетни сторители меѓу деветте земји опфатени во вториот круг од студијата. Речиси шест од десет инциденти (59%) вклучувале возрасен сторител, во споредба со просекот од 34%.
Ударот врз благосостојбата на децата е голем – посочуваат од УНИЦЕФ.
Така, децата изложени на експлоатација со помош на технологија имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување во споредба со децата кои не биле изложени.
Овде е забележана најголема поврзаност меѓу овие две работи во споредба со 21 земја опфатена во студијата, со што се подвлекува дека онлајн-сексуалната експлоатација не е само прашање на детска заштита, туку и значителен проблем за менталното здравје.
Сепак, во однос на пријавувањето, домашните наоди се охрабрувачки.
Македонија покажува највисока стапка на обелоденување меѓу земјите-учеснички.
Скоро девет од десет деца (87,6%) кои доживеале злоупотреба раскажале некому за тоа што се случило, во споредба со просекот од 59%. Децата најчесто им кажувале на мајките, пријателите, татковците, браќата и сестрите, со што се нагласува клучната улога којашто семејствата и врсниците ја играат во поддршката на децата.
Сепак, како и во другите земји, помалку од 1% од случаите биле пријавени до формални механизми за поддршка како што се полицијата, социјалните работници или телефонските линии за помош.
Искуства кои предизвикуваат емоционално и психичко страдање
Извештајот кој УНИЦЕФ го објави под името „Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“, ги обединува сведоштвата на приближно 21.000 деца, корисници на интернет на возраст од 12 до 17 години во 21 земја заедно со детални интервјуа со 100 млади кои доживеале злоупотреба во детството.
Сумираните податоци од сите земји покажуваат дека 20 милиони деца од 12 до 17 години (што е речиси секое петто дете) биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија.
Во извештајот се проценува дека над 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, од 9 милиони било побарано да се вклучат во сексуални разговори или да споделат сексуални слики против своја волја, а сексуални слики од 4 милиони деца биле споделени без нивна согласност. Меѓутоа, вистинскиот обем на проблемот веројатно е многу поголем поради недоволното пријавување од страна на децата.
„Извештајот открива болна реалност. Повеќе од 20 милиони деца во земјите опфатени со истражувањето биле изложени на несакана експлицитна сексуална содржина или експлоатација преку интернет, често во дигиталните простори каде што учат, играат и се поврзуваат со пријателите“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
„Овие искуства предизвикуваат длабоко емоционално и психичко страдање. Многу деца страдаат во тишина, не знаејќи каде да се обратат за помош. Не смееме да го свртиме погледот.“
Според наодите, речиси 60 проценти од случаите се случиле на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап, а 14 проценти од случаите се случиле во онлајн-игри, при што карактеристиките, функциите и дизајнот на платформите се користеле за искористување на довербата, се наведува во извештајот.
Во земјите опфатени со истражувањето, во 57 проценти од случаите било вклучено лице што детето веќе го познавало, меѓу кои и врсници, романтични партнери, пријатели и членови на семејството, со што се побиваат претпоставките дека онлајн-злоупотребата првенствено ја вршат непознати лица. Истовремено, 38 проценти од децата првпат го сретнале сторителот на интернет, а доказите покажуваат дека злоупотребата се олеснува преку лажни профили и приватни пораки.
Наодите укажуваат на итна потреба од постапување на владите, технолошките компании и другите чинители заради подобра заштита на децата во дигиталната доба.













