Сирената одекна во 06 часот и 20 минути изутрина и означи нов почеток на шините. Од Зелениково кон центарот на градот и обратно од денеска ќе сообраќа градски воз. Станиците се уште се уредува. Се чисти, се бојадисува, се уредува опремата. Шините се подготвени, а патниците љубопитни да видат дали возот навистина ќе биде побрза и поевтина алтернатива за секојдневното патување во скопската сообраќајна џунгла. Екипата на Телма тргна на кусото патување.
На Железничката станица во центарот на Скопје табла со редот на возење, времиња, дестинации и перони. Го бараме Зелениково, но го нема. Но, знаеме дека возот треба да тргне во 11 часот и 40 минути, барем така најавија надлежните. И токму тогаш, возот пристигнува. Патниците чекаат,а службите проверуваат. Вратите се отвораат и тргнуваме.
Возот забрзува. Брзината достигнува и до 100 километри на час, а максималната брзина наведена во проспектите е 140 километри на час. Градот останува зад нас, а шините не носат кон следната станица Лисиче. Застануваме, но овој пат без патници.
Следуваат Драчево, Јане Сандански и Орешани. И конечно Зелениково. Таму друга слика. Работници ги чистат стаклата, ја бојат оградата и ги прават последните подготовки. Се вративме назад и бевме сведоци на сообраќајна некултура и загрување на безбдноста. И по свирежите на машиновозачот, автомобили поминуваа по железничката пруга
По 24 минути возење стигнавме на централниот перон. За граѓаните ова е одлична можност..
Цената на билетот во еден правец е 40 денари, додека повратниот чини 70 денари.
Од Зелениково до железничката станица во Скопје и обратно се предвидени по осум поаѓања дневно. Паралелно се подготвуваат и другите две линии од проектот. Втората ќе ја поврзува Железничката станица со Бутел, Скопје-Север и Ѓорче Петров, додека третата ќе сообраќа преку Автокоманда и Маџари до Илинден.
Симона Петровска













