Со звукот на првото училишно ѕвоно се означи и почетокот на новата учебна година. Се отворија вратите на училиштата кои ги пречекаа најмалите, што оваа година за првпат ќе седнат во училишните клупи.
Ќе седнат повеќе од 14 000 првачиња.
Во основното училиште „Киро Глигоров“ новите ученици беа пречекани со песна и музика. На приемот беше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која на првоодделенците им посака успех и среќа, но порача да не се навредуваат и тепаат. Но, кога беше прашана зошто недостасуваат неколку илјади првачиња, министерката се осврна на демографскиот пад и испрати порака до родителите.
„Пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика јас, мама, тато, дада и бато. Од тука и порака до првачињата, освен што ќе бараат да стекнат знаење можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче за да можеме овие привремени затворорени училишта повторно да ги отвориме“, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука
Освен намалениот број на првачиња, македонското образование се соочува и со лош квалитет. Според УНИЦЕФ, македонските ученици имаат слаби резултати на тестирањата и се под светскиот просек на знаење. Само 34 проценти го достигнуваат основното ниво по математика. Кај наставниците, пак, интересен заклучок од минатата година – мотивирани се да предаваат, а затрупани со административни обврски и ниски плати. Јаневска тврди дека образованието се унапредува, дигитализира и се подобрува квалитетот на наставните програми.
„ Се што правиме, инфраструктура, нови наставни програми, редовни учебници се да им биде попријатен престојот“ рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука
Се мери лош резултат во знаењето, а од година во година се намалува бројот на ученици. Според податоците на Државниот завод за статистика, во учебната 2020/2021 година во прво одделение биле запишани 21.785 ученици, додека минатата учебна година бројот паднал на 17.921 прваче. Оваа учебна година запишани се преку 14 илјади првачиња. Тоа значи дека за пет учебни години се изгубени 3.864 првачиња, односно бројот е намален за 17,7 проценти. Ваквите бројки се причина што оваа година се затворени 26 подрачни училишта, а учениците се префрлени во комбинирани паралелки, на што реагираат и дел од родителите дека еден наставник предава материјали за различни одделенија во иста училница.
Софија Бислимоски













