Улична тепачка, ножеви и бејзбол-палки, а на крај тринаесетгодишно дете се бори за живот. Крвавиот инцидент се случил на улицата „Македонско-косовска бригада“ на територија на Чаир, соопштува полицијата. Во тепачката учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице. Еден од малолетниците, роден во 2012 година, признал дека користел нож. Но, дали токму со тој нож биле нанесени тешките повреди, треба да покаже форензиката.
„Сите оние кои се учесници во рамки на предметниот кривично-правен настан се обезбедени од страна на Министерството за внатрешни работи. Пет лица се. Едно лице моментално е во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот. Страшна е пораката од овој кривично-правен настан“, рече Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи
Исушените траги од крв сѐ уште се на местото на пресметката во Чаир, на граница со населените места Бутел и Шуто Оризари.
Здравствените власти известуваат дека малолетникот е избоден во срцето и сега е во исклучително тешка здравствена состојба.
„Детето е оперирано вчера меѓутоа како што има директен убод во срцето, сега е на интензивна нега и во критична состојба. Нашите мисли се со него ама сега е веќе надвор од тоа што медицината може во моментот да направи“, рече Сашо Клековски – Министер за здравство
Се подготвува кривична пријава за обид за убиство, но конечната квалификација на делото ќе ја даде обвинителството. Истрагата треба да ги даде одговорите што му претходело на настанот и кои се причините за крвавиот чин помеѓу тинејџерите.
Петар Догов













