Да се вакцинираат децата против морбили за да се превенира можна епидемија, со оглед на тоа што расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија – апелира министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.
„Сакам да упатам апел до сите, поревносно да пристапат кон вакцинација против морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 проценти, ова го кажуваат од Институтот за јавно здравје. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија. Така што, имаме причина веќе да почнеме со ова алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели преку повеќе активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили, односно да се зголеми опфатот за да превенираме можна епидемија на морбили во државата“ – рече Клековски.
Според податоците од 2025 ниту една вакцина нема достигнато посакуван опфат од 95 отсто.
-„На пример, за хепатитис Б имаме 77 %, за хемофилус инфлуенца 78 %, дифтерија, тетанус, пертусис – тука имаме 79 %, иако имавме епидемија до 2024 година. Понатаму, за вакцината против полио исто 79 %, 62 % за МРП-вакцината и вакцините за кои релативно секогаш имаме низок опфат, тоа се ХПВ со 51 % и најновите вакцини пред некоја година внесени во календарот – рота и пневмокок со 64 и 80 %. Имаме податоци и за ревакцинацијата, таму состојбата е нешто подобра. На пример, кај МРП-вакцината, тука веќе имаме 85 % кај ревакцината“ – рече Драган Кочински, раководител на одделот Епидемиологија на заразните заболувања при Институтот за јавно здравје.
За колетивен имунитет потребно е да се има минимум 95 % и на национално, но и на регионално ниво.













