Продолжи судењето против 23-годишната Ива Михаилова во Кочани која е обвинета за сообраќајката со смртни последици што се случи во октомври лани. Нејзиното семејство и граѓани на Бугарија ѝ изразија поддршка пред рочиштето кое го следеа и бугарските медиуми и бугарски пратеници.
Михајлова има двојно државјанство, македонско и бугарско, а се изјаснува за Бугарка и бара да ѝ се вратат пасошите за лекување на повредениот рбет надвор од Македонија. Во сообраќајката загина едно лице, неколку други беа повредени, а Михаилова е обвинета за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Таа ја отфрли вината и тврди дека не ја предизвикала сообраќајката. Поддршка од бугарските пратеници доби откако ѝ беше одбиено барањето да ѝ бидат вратени лични документи одземени со мерките на претпазливост. Нејзиното барање беше одбиено од Основниот суд во Кочани на почетокот на август, а подоцна одлуката ја потврди и второстепениот суд, Апелацискиот во Штип.
Тогаш реагираа и од бугарското МНР и бараа Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска нега. Бугарското МНР ја искористи судската одлука и за коментар за европскиот пат на Македонија дека негативните констатации на Европската комисија за состојбата на судскиот систем во Северна Македонија не биле случајни. На рочиштето искази даваат очевидец и вешти лица, експерти за тоа како се случила несреќата.













