Жителите на Гостивар нема да треба да платат сметка за комунални услуги и за вода за пиење само за август, одлучи Советот на Општина Гостивар на денешната седница.
Оваа иницијатива на гостиварскиот Совет доаѓа откако од 17 јули до 14 август водата во Гостивар беше забранета за пиење и имаше прогласена епидемија, бидејќи голем број граѓани се соочија со болести на дигестивниот систем.
Претседателот на Советот, Валдет Џафери на седницата посочил дека првично размислувале ослободувањето да биде за повеќе месеци, но главен фактор на одлучување било колку реално може општината да си дозволи.
„Сметавме дека треба да биде два месеци или три, но идејата е да може тоа да се реализира, да се изврши“, рече Валдет Џафери, претседател на Советот на Општина Гостивар.
Во Гостивар комуналните сметки се за две услуги – за вода за пиење и за собирање смет. Дел од граѓаните имаат водомери, а некои плаќааат паушални износи за потрошената вода за пиење. За подигнување смет, износот се определува според површината на станбениот простор и двор кај оние со куќи.
Во јули полицијата најде пумпи со кои во гостиварската водоводна мрежа се доведуваат дополнителни количини вода за пиење од несоодветни извори, а за тоа се осомничени тројца раководители во јавното претријатие „Комуналец“, а добија и притвор.
Епидемијата која беше прогласена на 19 јули, траеше до 21 август, а беше проследена и со 30-дневна кризна состојба во градот.
Александар Самарџиев













