Летните одмори завршија, пратениците се вратија на работа и во септември ќе имаат неколку пленарни седници, но дали ќе смогнат сили да ги надминат блокадите и да го одржат дијалогот? – Дилеми сѐ уште има и голем предизвик останува гласањето на законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство, а кои се предмет на процедурална блокада од опозициската ДУИ.
Собранискиот спикер Африм Гаши ги оцени блокадите како „злоупотреба на Деловникот“, а кажа и дека на денешната координативна средба немало никакви најави од интегративците дека ќе блокираат повторно.
„Сите закони со Бадентер ќе одат на гласање, прашањето е повеќе политичко, отколку процедурално“, вели првиот човек на законодавниот дом.
Станува збор за повеќе законски решенија како Законот за правична застапеност, за високото образование, локална самоуправа и други. Во контекст на прашањето дали блокадата на крај може да доведе до потреба од предвремени парламентарни избори, спикерот е дециден – одлуката е кај мнозинството.
„Предвремени избори може да има само доколку најмалку 61 пратеник одлучи за распуштање на Собранието. И јас сум еден од нив. Мојот став го знаете, јас сум поборник на идејата за редовни избори. Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори. Но, тоа е политичка одлука и ќе се решава на друго ниво. Ако има одлука од лидерите за избори, тоа е веќе друго прашање и друго ниво на одговорност. Јас нема да дозволам злоупотреба на Деловник да предизвика предвремени избори. Ова не можеме вака да го оставиме”, рече Африм Гаши, претседател на Собранието на Македонија.
Во однос на прашањето дали е потребна лидерска средба за да се најде решение, на брифингот со медиумите, Гаши воздржано одговори дека секогаш е за разговор, но не може да оцени дали таква средба би помогнала.
Во јули имаше неуспешен обид Законот за правична застапеност да дојде до гласање. Пред летната пауза спорот се префрли и на прашањето за Бадентеровото мнозинство, ДУИ побара „голем Бадентер“, односно мнозинство од вкупниот број на пратеници од немнозинските заедници и тврди дека власта нема поддршка ни за „мал Бадентер“.
Од друга страна, пак, претходно од власта порачаа дека законот ќе биде донесен и со „мал Бадентер“, односно со мнозинство од присутните пратеници од немнозинските заедници, па и без поддршката од интегративците.
Петар Догов













