Цената на дизелот се намалува за 6,5 денари, а на бeнзините се зголемува за еден денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Од ноќеска на полноќ малопродажната цена на Еуродизел ќе изнесува 95 денари, откако претходно ја проби границата од над 100 денари. Малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се зголемуваат за по еден денар и ќе се продаваат за 94, односно 96 денари за литар.
Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 3,5 денари и ќе изнесува 97 денари, додека цената на мазутот се намалува за 1,166 денари за килограми ќе биде 44,410 денари.
Новите цени стапуваат на сила од ноќеска на полноќ.
РКЕ наведува дека одлуката се базира на фактот што референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,212 отсто, како и намалување кај дизелот за 8,237 проценти, кај екстра лесното масло за 4,389 и кај мазутот за 2,793 отсто.












