ВРЕДИ најостро го осудува секое глорифицирање на четниците, а особено на Ратко Младиќ, осуден за геноцид и други тешки злосторства.
– Уште позагрижувачки е кога вакви содржини се објавуваат од страна на раководител на институција чија задача е да ги штити правата на Албанците и на другите заедници. Ова не е прашање на лични вкусови или убедувања. Ова е прашање на стандардите на еден јавен функционер и на пораката што институциите им ја испраќаат на граѓаните, велат од ВРЕДИ.
Партијата бара итна одговорност. Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците.

Стоилковиќ и Ратко Младиќ: Воениот злосторник како „генерал“ во Владата на Македонија, велат од СДСМ.
- Иван Стоилковиќ, министер во Владата на Северна Македонија, до вчера заменик-премиер, денеска јасно покажа каде му е местото и кои му се вредностите. За него босанскиот српски лидер Ратко Младиќ – осуден за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото е величина и херој. За него тој е „негов генерал“ – среде Македонија, реагира опозицијата.
Сметаат дека ова е дел од поширока агенда: Вучиќ, руска агенда, кинески инвестиции, воодушевување од Кина… „Српскиот свет“ сега и во форма на почитување на воениот злосторник. Наместо да гледаме кон иднината, кон Европа, кон демократско и просперитетно општество – ние се враќаме во деведесеттите, во политиката на Милошевиќ и војните.
- Министер во Владата на Мицкоски јавно велича човек осуден за геноцид во Сребреница. Тоа не е ниту личен став, ниту „културна разлика“. Тоа е директна порака: во оваа Влада има место за оние кои ги слават воените злосторници од најмрачните страници на балканската историја. СДСМ најостро го осудува овој чин.













