Јавното обвинителство во 2025 година работело со 67 обвинители помалку од предвиденото, а и покрај зголемувањето на кадарот за речиси 10 проценти во текот на годината, резултатите во ажурноста не се подобриле. Ова го покажуваат годишните извештаи на Јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители кои денеска се најдоа пред собраниската Комисија за политички систем.
На крајот на 2025 година во обвинителствата работеле 194 јавни обвинители од систематизирани 261 места, односно биле пополнети само 74,3 проценти од позициите. Во однос на 2024 година бројот на обвинители бил зголемен за 25, или за 9,6 проценти, но во самиот извештај се констатира дека тоа не довело до подобри резултати во совладувањето на предметите.
Најалармантна е состојбата во дел од помалите обвинителства. Берово, Делчево и Свети Николе повеќе години функционирале без основен јавен обвинител, а во дел од нив работел само по еден обвинител.













