Во Македонија, едно од десет деца на возраст од 12 до 17 години било изложено на сексуална злоупотреба на интернет во само една година, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Најчестите злоупотреби се случувале на социјалните мрежи и онлајн-игрите, а половина од децата жртви доживеале повеќе од една форма на вознемирување.
„Овој извештај ни помага да ја согледаме реалната состојба во нашето општество — како се однесуваат младите онлајн, кои ризици се најчести и каде институциите треба да интервенираат поефикасно. Тој нуди насоки за зајакнување на законската рамка, за поддршка на професионалците кои работат со деца и за унапредување на практичните механизми за превенција и заштита“, изјави заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.
Извештајот покажува дека во 78 проценти од случаите, сторителот бил некој кого детето го познавало. Тоа најчесто бил член од семејството, интимен партнер или некој кон кого детето чувствувало симпатии. Иако најголем дел од децата разговарале со некого за злоупотребата, помалку од еден процент ја пријавиле во институциите. Причината за тоа се срамот, стигмата, недовербата во институциите и несигурноста околу пријавувањето.
„Несомнено е дека децата не може и не треба од нив да очекуваме сами да се заштитат од ваква злоупотреба. Но, одговорноста е пред сè кај нас, возрасните, за да спречиме штета, ефективно да одговориме и да создадеме побезбедна средина за децата“, посочи Лесли Милер, УНИЦЕФ.
Последиците може да бидат долготрајни. Децата кои биле изложени на ваква злоупотреба имаат 11 пати поголеми изгледи за самоповредување и 12 пати поголема веројатност за самоубиствени мисли или однесување. Препораките од УНИЦЕФ се модернизирање на законодавството, олеснување на пријавувањето и пристапот до правда, подобрување на услугите за психолошка и психосоцијална поддршка, како и поголеми инвестиции во превенција и едукација на децата и родителите.
Софија Бислимоски













