Најмалку 14 новороденчиња починале откако избувнал пожар во одделението за породилиште во болница во пакистанскиот главен град Исламабад.
Пожарот избувнал во клима-уред во одделението за мајки и деца во болницата а бргу се проширил поради приклучоците за кислород, пренесуваат медиумите.
Од 15-те бебиња кои во тој момент биле во одделението, едно новороденче било спасено, потврдија одговорните во болницата.
Семејствата се собрале пред болницата — дел од нив во солзи, но голем дел барале и одговорност за трагедијата и прашувале како можело да се случи да избувне пожар во одделението и дали таму воопшто имало противпожарна опрема.
Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф,изрази „длабока тага“и нареди итна истрага.
Формирана е комисија која треба да подготви извештај во рок од 24 часа.
„Имам тридневен син. Како можат да кажат дека сите деца изгореле, кога ниту едно од нив не било изгорено? Тие велат дека прво требало да ги спасат возрасните и дека ги спасиле нив. Зошто ги спасувале возрасните? Тие можеле сами да излезат пеш. Зошто прво не ги спасиле децата? Зошто одделението за деца било заклучено? И по два часа пристигнал спасувачкиот тим, а по четири часа дошла полицијата — зошто? Сите службеници наоколу се однесуваа како да се некои важни функционери, како помошник-комесарот и заменик-комесарот, а немаат поим што би направиле доколку едно од нивните деца биде убиено“ – изјави една мајка која го загубила новореденчето.












