Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Криза во заштитата на децата во дигиталното доба: Десет отсто од децата од 12 до 17 години во земјава биле изложени на сексуална експлоатација со технологија

/

Македонија

Сподели преку :

Едно од 10 деца на возраст од 12 до 17 години во период од една година во државава биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата, што претставува 12.000 деца на национално ниво.

Од нив 48 отсто биле изложени на повеќе од една форма на злоупотреба или експлоатација. Поеднакво се засегнати и момчињата и девојчињата.

Во 78 отсто од случаите сторителот бил лице познато на детето, а само во пет отсто од случаите сторителот бил непознат за детето, покажува извештајот со резултатите од истражувањето „Disrupting Harm“.

Во 57 отсто од случаите сторителите биле возрасни лица, наспроти 22 отсто во кои биле вклучени врсници. Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, додека во 27 отсто бил вклучен член на семејството.

Кои се најчесто пријавувани платформи?

Во 52 отсто од случаите биле вклучени платформи на социјалните медиуми, додека 30 отсто се случиле преку платофрми за онлајн игри. Најчесто пријавувани платформи биле Инстаграм (76 отсто), Снепчет (55 отсто), ТикТок (51 отсто), Ватсап (40 отсто), Фејсбук (34 отсто), Јутјуб (29 отсто) и Икс (21 отсто). Најчеста форма е изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а друга форма вклучувала барања децата да споделат слики или видеа на кои се прикажани нивните интимни делови.

Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања. и доживуваат значително повисоки нивиа на анксиозност. Засегнатите деца често доживувале срам, губење контрола, тешкотии со сшиењето, стрес, ансиозност…Иако 88 отсто од децата ја откриле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните служби било исклучително ретко: само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центри за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале линија за помош, покажуваат резултатите од истражувањето.

Заменик – министерот за внатрешни работи, Астрит Исени на презентацијата на извештајот рече дека тој помага да се согледа реалната состојба во општеството, како се однесуваат младите он лајн, кои ризици се најчести и каде институциите треба да интервенираат поефикасно.

„Тој нуди насоки на зајакнување на законската рамка, за поддршка на професионалците кои работат со деца и за унапредување на практичните механизми за превенција и заштита. Извештајот е практичен инструмент, а не само аналитичка вежба. МВР има клучна улога преку превентивни активности, подигнување на јавната свест и зајакнување на соработката со меѓународните партнери, работиме на создавање побезбедна средина за децата“, истакна Исени.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер рече дека поддржан од Safe Online и заеднички имплементиран од ECPAT International, ИНТЕРПОЛ и УНИЦЕФ, извештајот ги спојува гласовите и животните искуства на децата со докази од домаќинства и професионалци кои работат во областа на заштитата на децата, образованието, спроведувањето на законот и правдата.

Потреба од зајакнување на довербата во институциите

Таа посочи дека наодите се многу застрашувачки и повикуваат на итна, одлучна и координарана акција од страна на граѓанското општество, институциите, приватниот сектор и заедниците. –

„За жал, наодите се длабоко загрижувачки, откривајќи криза во заштитата на децата во дигиталното доба. Тие, исто така, потврдуваат дека ова не е само онлајн проблем: тој е вкоренет во секојдневните средини на децата – честопати движејќи се помеѓу дигиталните и физичките простори. Нема сомнение дека од децата не може и не треба да се очекува да се заштитат од злоупотреба“, рече Милер.

Според неа, штетата е сериозна, децата погодени од овој облик на злоупотреба имаат многу поголема веројатност да доживеат анксиозност, самоповредување и самоубиствени мисли и однесување.

– Довербата во институциите мора да се зајакне. Срамот, стигмата, стравот од обвинување и заканите од сторителите ги спречуваат децата да бараат поддршка. Координиран одговор на владата е од суштинско значење. Ниту едно министерство не може само да се справи со овој предизвик. Заштитата на децата онлајн и офлајн бара активности во образованието, правдата, здравството, социјалните услуги, спроведувањето на законот и дигиталното управување, додаде Милер.

Истражувањето е дел од повеќедржавната програма Disrupting Harm, финансирана од Safe Online, а спроведена од ECPAT International, INTERPOL и Канцеларијата за истражување и предвидување на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.

Jumbo 2