Македонија обезбеди уште еден медал на Медитеранските игри во Таранто. Боксерот Ален Рустемовски се пласираше во полуфиналето во категоријата до 60 килограми и веќе има најмалку бронзено одличје.
Рустемовски денеска во четвртфиналето со технички нокаут во третата рунда го совлада Албанецот Ариол Зенели и обезбеди место меѓу четворицата најдобри.

Македонскиот боксер на сличен начин славеше и во првата борба пред три дена против Михајло Декиќ од Босна и Херцеговина. И тој меч беше прекинат во третата рунда, откако Рустемовски имаше убедлива предност.
Полуфиналната борба е закажана за утре, а противник на Рустемовски ќе биде Еварт Андрес Марин Ернандез од Шпанија.
Македонија претходно освои три медали во борење на Медитеранските игри. Фати Вејсели и Реџеп Хајдари стигнаа до сребрените одличја, додека Ахмад Магомедов освои бронза.












