Земјоделците од струмичко денеска излегоа на протест пред ресорната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, незадоволни од откупната цена на индустриската пиперка, позната како ајварка. Велат дека откупувачите и преработувачите не ја почитуваат договорената цена и повторно вршат притисок врз производителите. Бараат да се вреднува нивниот труд и родот да не остане да скапува во нивите.
„Тоа е една системска недоследност. Сведоци сме дека министерот даде усно ветување дека нема цената да падне под 30 денари. Но, сведоци сме и на тоа дека магационерите уште утредента почнаа да вршат притисок со несобирање. Тие тактики ние ги знаеме, 35 години истата тактика. Не собираме еден ден и ајде, готова е работата“, рече земјоделец на протестот.
Земјоделците велат дека проблемот не е само во висината на цената, туку и во тоа што, според нив, договорите со откупувачите не се почитуваат откако ќе завршат состаноците и преговорите.
„Секојпат договорите траат две минути. Ќе си отиде министерот, тие утре самите нудат други цени. Значи, нашиот откупувач, 10 души тука, нè уништија овие години. Денеска ќе ти речат 30 денари, утре 20. Денеска е 18 и 20 денари пиперката. Нема 40 денари. За да биде 40 денари, треба да свети пиперката“, вели друг земјоделец.
Од Министерството, пак, велат дека договорот со преработувачите е јасен и дека договорените откупни цени се во сила. Министерот Борче Серафимовски тврди дека инспекциските служби веќе вршат контроли и ги отфрла тврдењата дека откупот бил целосно запрен.
„Знаете дека седнавме на маса и разговаравме. Вие ги дадовте вашите барања, јас се јавив во овој процес како медијатор, ресорен министер, да земам обврска да преговарам со преработувачките индустрии. Преговаравме, дадоа конкретна понуда и после состаноци во петок, сабота, недела и понеделник, во вторник овде дадовме изјава дека пиперката ќе се откупува по цена прва класа 40 денари, прва-втора класа индустриска 30 денари и шкарт 15 денари. Тој договор што го постигнавме со вас и преработувачите стапи на сила веднаш наредниот ден. Овие шпекулации од стилот дека ниту еден ден нема откуп ги отфрлам и одговорно тврдам и тоа го констатираат и инспекторите“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Земјоделците, сепак, остануваат на протест и бараат конкретни гаранции дека договорените цени ќе се почитуваат на терен. Велат дека секој ден доцнење за нив значи дополнителни загуби, бидејќи пиперката е сезонски производ и не можат бесконечно да го чекаат откупот.
Сузана Мицева













