Иако растат цените на горивата, владата засега калкулира со нови мерки, бидејќи очекува кризата да трае многу подолго отколку што првично се предвидуваше. Премиерот денеска рече дека, согласно нивните анализи, неизвесноста во Заливот може да потрае неколку години, па владата имала јасна стратегија и план, како на пример намалување на ДДВ за горивата, но сè уште нема да интервенира на тој начин. Засега останува само намалената акциза од два, односно четири денари за бензините и дизелот соодветно.
- „Дизел горивото во Македонија е за половина евро по литар поевтино од тоа во Албанија, е за 35 центи поевтино од тоа во Србија, е од 30-50 центи поевтино од сите држави во регионот: Грција, Хрватска, Словенија, БиХ итн., без разлика дали станува збор за безоловниот или за дизелот. Така што, ако ја оставиме политиката на страна и почнеме да ги гледаме бројките ќе дојдеме до заклучок дека во моментов, бидејќи сите купуваме од исто место, не купуваме од различно место, сите купуваме од исто место нафта и нафтени деривати, граѓаните во Македонија, но и граѓаните на дел од соседните земји доаѓаат во Македонија на бензинските македонски пумпи да ги полнат резервоарите на своите автомобили и на своите превозни средства. Ние, како влада, обезбедуваме не само за македонските граѓани, за отприлика 50-60-тина проценти е зголемен вкупниот волумен на бензин и на дизел гориво кој што се продава изминативе месеци, а при тоа успеваме да ја одржиме макроекономската стабилност во државата, инфлацијата да ја сведеме на најниска во регионот“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Опозициската СДСМ ја критикува власта дека не презема ништо за да го заштити народот со најниски плати во Европа во услови кога дизелот поскапе 43% за само неколку месеци.
- „Ударот не завршува на бензинските пумпи. Поскапото гориво значи поскап транспорт, поскапо производство и нов раст на цените на храната“, реагираат од СДСМ.
Додека владата тактизира со преземање мерки за заштита од ценовен шок и потенцијално поттикнување на инфлацијата поради континуираното поскапување на горивата, граѓаните веќе плаќаат најскапо гориво во последните четири години.
Имено, со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од денеска бензините се продаваат за 1,5 денар поскапо, а дизелот за 3,5 денари и неговата цена сега е 101,5 денари за литар. Последен пат ова гориво се продаваше по цена над 100 денари во октомври во 2022 година, кога беше пикот на енергетската криза предизвикана од војната во Украина.
Мирјана Јовеска












