Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Три филма со македонска копродукција во главната програма на 39. Монтенегро Филм Фестивал

/

Култура

Сподели преку :

Во Херцег Нови, Црна Гора, се одржува 39. Монтенегро Филм Фестивал. Во неговата главна натпреварувачка програма за долгометражни играни филмови има 10 остварувања од регионот, по избор на селекторот Вук Перовиќ. Во три од нив, Македонија е еден од копродуцентите. Се работи за наградувани филмови на светските филмски фестивали чии автори се жени. Станува збор за филмовите: „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, „17“ на Косара Митиќ и „Скејтбординог не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Остварувањето на Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кое по светската премиера на Трибека во Њујорк, на фестивалот во Херцег Нови дојде директно од филмскиот фестивал во Сараево, каде освои Специјална награда за младински перспективи, беше прикажано на летната сцена на Канли кулата.

  • „Искрено, за мене е многу важно пред сѐ како публиката овде ќе го прими филмот. Не само овде, тоа ми беше многу важно и за Сараево, бидејќи после Њујорк прв пат доаѓаме на Балканот, прво во Сараево, а сега и овдека. Така што навистина сум возбудена“, изјави Дина Дума, режисерка и косценарист на филмот.

По проекцијата, филмот беше награден со аплауз, а публиката го пофали.

  • „Па, мислам дека социјално е многу важен филм“’, рече момче. 
  • „Гледаме дека на овие простори сè уште живее тој длабоко вкоренет патријархат, на кој жените едвај му се спротиставуваат. Но, младите луѓе мора да направат напор, да се изборат за правата“, е став на жена која го гледаше „Скејтбордингот не е за девојчиња“.
  • „Прекрасен филм. Треба секој да го гледа. Го препорачувам“, порача девојка.

Филмот раскажува за егзистенцијалните проблеми на ромско семејство кое за да опстане планира да ја продаде постарата ќерка како невеста. Но, нејзината помала сестра бара друго решение.

Формиран пред 39 години како фестивал на југословенската режија, низ годините филмскиот фестивал во Херцег Нови ја развил програмата. Годинава во студентската програма има три филмови од ФДУ Скопје, а новитети се остварувањата од Африка, како и акредитацијата од Меѓународната федерација на здруженија на филмски продуценти.

  • „Овој фестивал е како човекот во неговите најубави години. Ја завршува четвртата деценија и полека влегува во неговата петта деценија. Така и овој фестивал. Оваа година добивме акредитација од FIAP, што е голема награда и потврда за сѐ она што е направено во последните 3-4 години“, вели Александра Божовиќ, претседателка на Советот на фестивалот.

Филмови со учество на Македонија и денеска на фестивалската програма.

Попладнево во програмата „Култура на сеќавање“ ќе биде прикажан првиот долгометражен документарен филм на Милчо Манчевски, „ Добри луѓе“, посветен на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. А, вечерва на летната сцена на Канли кулата ќе биде прикажан филмот „17“ на Косара Митиќ.

За Телма од Херцег Нови Сотир Трајков