Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Речиси третина од општинската администрација во Битола ќе биде на раководни позиции – опозицијата обвинува за партизација

/

Македонија

Сподели преку :

Од 140 вработени во Општина Битола, речиси третина ќе бидат раководители на сектори и одделенија, обвини опозицијата во битолскиот Совет за реорганизацијата на општинската администрација предложена од градоначалникот Тони Коњановски, со која бројот на сектори се зголемува од шест на 10, а бројот на одделенија од 19 на 27. За опозицијата ова ќе биде  дополнителен товар за општинскиот буџет, но и начин за задоволување на партиски интереси.

„Една третина од вработените во Општина Битола ќе бидат на некаква раководна позиција. Наместо досегашните 18, ќе има околу 40 раководители на сектори и одделенија. Ова дополнително ќе ја оптовари општинската администрација со повеќе од 200.000 евра. Она што се кажува како шега,  заменик на заменикот, заменик-директор на директорот, сега навистина ни се случува и во Општина Битола“, рече советникот Петар Николовски од СДСМ.

„Дали навистина постои реална потреба од нова, толку бројна администрација, или повторно сме сведоци на партиско и политичко наградување на послушните?“, праша Миле Трајковски од „Поинаку“.

Мнозинството ја изгласа одлуката за реорганизација, по што ќе следи и нова систематизација на работните места.

„Со законските измени кои стапуваат на сила на 1 јануари 2027 година, потребно е да се направи нова реорганизација на општинските администрации. Единствено се прави дисперзија на функциите што досега ги имале одредени раководители на сектори и одделенија, ќе се распределат и на останатите вработени за да нема концентрација на моќ кај едно лице“, рече Бојан Бојковски, претседател на Совет на Општина Битола.

Од Општина Битола кажаа дека реорганизацијата е потребна за да се намали концентрацијата на надлежности кај еден раководител и да се подобри ефикасноста во работењето.

Емилија Мисирлиевски

Jumbo 2