По вчерашната реакција на ВЛЕН, очекувавме одговор од Али Ахмети и ДУИ. Одговор не добивме. Пред трагедијата во која во Тетово загинаа 14 лица, нивниот молк продолжува, соопштува ВРЕДИ.
Од партијата велат дека во меѓувреме, се отвораат уште повеќе прашања за начинот на кој Обвинителството дошло до заклучокот да ја затвори постапката за јавните набавки за 19-те модуларни болници. Ислам Абази, кој денес раководи со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, треба пред јавноста јасно и целосно да објасни како е донесен ваков епилог.
Според ВРЕДИ од друга страна, Али Ахмети не може да се однесува како ова прашање политички да не ја засега ДУИ. Трагедијата се случи во периодот кога неговата партија беше на власт, а денес, по пет години истрага, семејствата на жртвите сè уште се соочуваат со голем број неодговорени прашања.













