Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Западнонилската треска однесе уште еден живот – петти смртен исход од вирусот

/

Македонија

Сподели преку :

Нов смртен исход од западнонилската треска. Почина 73-годишен пациент, кој три недели се лекувал на Клиниката за инфективни болести. Сериозната клиничка слика, но и придружните заболувања, придонеле за тешкиот тек на болеста.

Ова е вкупно петтата жртва со лабораториски потврдена инфекција на западнонилска треска.

  • „Пациентот на клиниката беше вкупно 22 дена и од приемот беше во изразито тешка состојба. Беше сместен на одделот за интензивно лекување и на респираторна поддршка, односно на механичка вентилација. Починатиот пациент е од Аеродром, Долно Лисиче“, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести. 

Д-р Цана вели дека речиси секој ден на клиниката има хоспитализација на нов пациент, а оние коишто се примаат во болница се со невроинвазивни форми на болеста, каде што е засегнат нервниот систем, односно каде што е потврдено акутно воспаление на мозокот. Најмладиот пациент има 25 години.

  • „На Клиниката за инфективни болести сите овие пациенти за кои цело време зборуваме се 1% од вкупно инфицираните пациенти, кај кои напреднатата возраст е клучен ризик-фактор. Тоа се пациенти кај кои е потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска. Кај сите пациенти кои се хоспитализираат кај нас имаме потврдено акутно воспаление на мозок и мозочна обвивка. Дали се работи за помлад или постар – кај сите овие пациенти е потврдена невроинвазивна форма“, вели д-р Цана. 

Во моментов на Инфективна се хоспитализирани 21 пациент, од кои 18 се со потврдена инфекција, а тројца се суспектни. Четворица пациенти се во тешка состојба на интензивна нега. Вкупниот број на излекувани и испишани пациенти е 19.

Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај најголем дел од заразените инфекцијата минува без симптоми или со блага клиничка слика, а кај мал дел може да дојде до зафаќање на нервниот систем. Препораките се граѓаните да користат средства за заштита, да носат облека која го покрива телото, а во периодите кога комарците се најактивни, да го намалат престојот на отворено.

Се препорачува и отстранување на застоена вода околу домовите, каде што комарците можат да се размножуваат.

Петар Догов

Jumbo 2