Бројот на нови случаи се вратил на нормалното, па епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје Тетово по еден месец ја прогласи за завршена епидемијата на гастро-ентеро-колит и стомачни проблеми поврзани со водата за пиење во Гостивар, пренесе денес министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој вели дека други заразни болести нема како и дека ќе продолжи да надгледува какво е здравјето на жителите и какви проблеми ќе пријавуваат во болницата и ординациите.
– „Хепатит не е забележан во Гостивар, ние сме во секојдневна комуникација со сите здравствени власти во следење на состојбата бидејќи не е еднаш засекогаш, не е статична и треба да се мониторира, редовно, рече Клековски.
Епидемија поради огромен број на луѓе кои имаат проблеми со дигестивниот систем во Гостивар беше прогласена на 19 јули. Пред една недела, минатиот петок, властите известија дека водата е безбедба за пиење, па државните функционери се напија и по една чаша вода од јавна чешма.
Сè уште работа ќе има за истражните органи, откако од 17 јули водата за пиење беше забранета за користење, а притвор како осомничени добија поранешната директорка и двајца раководители на гостиварски „Комуналец“
Гостиварскиот суд по втор пат им одреди по 30 дена притвор додека продолжува обвинителството да ги анализира обезбедените докази и да утврди кој е виновен за загадување на водата со приклучување на дополнителни количини вода од несоодветни извори.
Александар Самарџиев
Б.С.













