Пет години по оформувањето на предметот, ОЈО ГОКК предводено од Ислам Абази, аргат на Зоран Заев, Венко Филипче и Али Ахмети, донесе одлука да го затвори предметот за 19-те модуларни болници, велејќи дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното писмено соопштение.
Реакцијата следува откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го затвори предметот за модуларните болници, кој беше оформен на 10 септември 2021 година.
-Филипче и Заев, наместо да ги подобрат стандардите на болниците, тогашното Министерството за транспорт и врски, по предлог на владата, го менува Законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема, за чие поставување и одобрение ќе издава Министерството за здравство или, Венко Филипче како тогашен министер, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Според владеачката партија, „Венко Филипче носи директна одговорност за поставувањето на модуларните болници, и секако и за трагедијата што се случи во Тетово“.
Дополнително, од партијата додаваат дека тој „не потпишал минимум технички спецификации, ниту пак направил елаборат за електрична енергија“.
Особено загрижува фактот што предметот со години фаќал прашина, прво во фиоката на Вилма Рускоска, потоа во таа на Елизабета Јосифовска, двете обвинителки од поранешното криминално СЈО, за на крај, токму ОЈО ГОКК предводено од слугата на СДС и ДУИ, Абази да донесе одлука дека нема основ за кривично гонење – велат од владеачката партија.













