Партијата Левица денеска преку писмено соопштение информираше дека ќе бара итни законски измени со кои студентскиот оброк ќе се усогласи со сегашната законска рамка. Како што додаваат оттаму, потоа ќе понудат и „темелно и долгорочно решение за висината на студентскиот оброк и за целокупниот студентски стандард“.
Во денешното соопштение, Левица упати обвинувања кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска:
„Весна Јаневска повторно се обиде да се извлече од скандалот со студентскиот оброк така што наместо одговор понуди нова измислица. Министерката тврди дека оброкот бил покачуван, дека Владата на ДПМНЕ дури и однапред дала повеќе и дека критиките на Левица и студентите биле неоправдани. Само што реалноста е сурово едноставна – официјалните повици на МОН за 2024/2025 и 2025/2026 и понатаму стојат на 140 денари“, порачуваат од Левица.
Партијата додава и дека студентскиот оброк е право утврдено со закон и платено со јавни пари.
„Вашата работа не е да се фалите што државата воопшто издвојува средства за студентите, туку да обезбедите тие средства да бидат исплатени правилно и навреме. А кога ќе ве фатат дека тоа не е направено, најмалку што можете е да не измислувате дека сте дале нешто што студентите никогаш не го виделе“, посочуваат од Левица.
-Очигледно нема кој од подмладокот на ДПМНЕ да ѝ каже на министерката дека за младите и студентите не треба да се штеди, туку дека тие се субјекти во општество во кои државата треба значително и континуирано да вложува. Зад невистините на Јаневска стои неусогласувањето на студентскиот оброк кое значи дека студентите останале покуси за околу 6,5 милиони евра. Тоа е конкретна разлика која насобрано секој месец недостасувала на студентските картички – се вели во денешното соопштение.













