Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје ќе биде отворена денеска во Конгресниот центар во Охрид.
На оваа летна школа ќе учествуваат 60 македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози и преведувачи од 17 земји, односно од: Албанија, Аргентина, Бугарија, Италија, Јапонија, Канада, Народна Република Кина, Полска, Руска Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција и Хрватска.
По одржувањето на летната школа, ќе се одржи 53. Меѓународна научна конференција, на која ќе учествуваат 75 научни истражувачи од земјава и од странство.
Вкупно 135 македонисти – студенти, предавачи и научни истражувачи ќе го изучуваат македонскиот јазик и ќе ги проучуваат македонската литература и култура.
Програмата на Летната школа содржи: лекторски вежби, предавања, интерактивна настава, амбиентална настава во стариот град, курс по македонски народни ора, преведувачка работилница, културно-уметничка програма, промоции и научна екскурзија во стариот град.
На свеченото отворање ректорката Биљана Ангелова ќе ги додели наградите за македонистика. Годинава, добитник на најголемата награда за македонистика „Воздејства“ е проф. д-р Кристина Крамер.
Во рамките на севкупната програма ќе бидат промовирани и најнови шест зборници: „Зборник-Предавања на 58. Летна школа“, „Зборник на 52. Меѓународна научна конференција“, три зборници од преведувачката работилница, приредени од проф. д-р Кристина Николовска: „„Гане Тодоровски – на недорек јазици“, „Петре Андреевски – на река од јазици“ и „Анте Поповски – на океан од јазици“ и „Излишно писмо до Бога / Zbyteczny list do Boga“, препеви на полски јазик од проф. д-р Маќеј Кавка.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатите три години отвори три лекторати по македонски јазик: во Тирана (Албанија), Нитра (Словачка) и го возобнови најстариот лекторат во Неапол (Италија), со што бројката на лекторати се зголеми на 12.













