Министерството за економија утре ќе одлучува дали и годинава ќе има мерки со „училишната кошничка“, како што беше случај минатите две години. Целта на таа мерка е да им помогне на родителите, чии трошоци за учениците од година на година значително се зголемуваат поради долготрајната инфлација.
Од ресорното министерство за Телма брифираат дека одлуката ќе се донесе откако прво ќе се состанат со трговците на училишен прибор за да разговараат за цените и активностите што може да се преземат за заштита на куповната моќ на населението.
Утре ќе се одлучува дали и годинава ќе се примени мерката „училишна кошничка“, со која што минатите две години веќе се интервенираше во цените на училишниот прибор со цел да се заштити куповната моќ на граѓаните, брифираат од Министерството за економија.
Оттаму појаснуваат дека на состанок со трговците на големо и мало за училишен прибор ќе се координираат активностите и ќе се разговара за цените пред почетокот на учебната година, по што ќе се донесе одлука за мерките во рамки на „училишната кошница“, со цел да се обезбедат пристапни цени и навремена поддршка за семејствата.
Министерката за образование утрово нагласи дека за носење таква мерка е надлежно единствено Министерството за економија.
„Тоа е мерка која треба да ја предложи Министерството за економија. Сигурна сум дека тие водат сметка за сѐ што треба да се направи и доколку има такво нешто навреме ќе бидат информирани родителите“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Секоја нова учебна година претставува дополнителен финансиски трошок на родителите, особено на тие кои имаат првачиња. Треба да се купи буквално сè: ранец, училишен комплет, тетратки, прибор и блокови за боење, училишна униформа, обувки итн.
Високата инфлација со која што веќе долго време се соочуваме беше причина минатити две години владата да интервенира со мерката „училишна кошничка“, која траеше до 15 септември. Трговците продаваа училишен прибор со ограничени маржи и по цени пониски за барем 10%. Таа мерка, според владините пресметки, придонела секое семејство со двајца ученици да заштеди околу 3.000 денари.
Откако со години беа непроменети, цените на услугите за предучилишно и основно образование во февруари годинава првпат се покачија и сега овие услуги се поскапи за дури 30%.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, кај едно четиричлено семејство со двајца ученици месечните трошоци за образование на децата претставуваат 10,5% од вкупните расходи. Во апсолутни бројки, семејството секој месец одвојува по околу 7.200 денари за редовните потреби на образовниот процес.
За да се намали финансискиот товар на родителите, некои општини нудат и конкретна поддршка за првачињата.
На пример, Кисела Вода и Карпош даваат бесплатно ранче и училишен прибор. Истото го нуди и Ѓорче Петров, но таму за првачињата има и по 3.000 денари и бесплатна ужинка. Центар ќе им даде училишни униформи, а Аеродром по 3.500 денари. Финансиска поддршка во различен износ обезбедуваат и други општини во внатрешноста на земјата, а најдарежлива е општина Тетово, чии првачиња годинава ќе добијат по 100 евра.
Мирјана Јовеска













