Нè чека тешка ноќ, првенствена задача е да одбрана на селото Крушевица, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов за пожарот кој синоќа го зафати прилепското село Чаниште. Според него, огнот бил речиси совладан до денеска претпладне, но појавата на ветар повторно го активира. Тој нагласи дека пожарот во Чаниште синоќа зафатил само напуштени и куќи во кои сопствениците ретко доаѓаат и не изгорела ниту една куќа во која активно живеат луѓе.
„Нè чека тешка ноќ. Наша првенствена задача е да го одбраниме селото Крушевица, кое е на неколку километри од овде. Голема помош дава и локалното население што си го брани своето. Голема благодарност до нив. За жал, теренот е лош затоа што се работи за висока сува трева. Ветрот што постојано дува дополнително ја отежнува нашата работа. Авионите на Дирекцијата прекинаа дел од огнената линија, со што таа сега е значително намалена во оној дел што го загрозува блискиот манастир и селото“, порача Ангелов и додаде дека пожарот во прилепско моментно е најголем во државата.
Борба со пожарот водат прилепските пожарникари на кои напомош им дојдоа повеќе тимови на ДЗС составени од доброволни пожарникари од Битола, а се очекува да се придружат и доброволци од Кочани и од Виница.
Ангелов истакна додаде дека денеска се водела тешка битка и со пожар на територијата на Општина Старо Нагоричане кој, според него, е ставен под контрола. Под контрола, благодарение на велешките пожарникари, е ставен пожарот кај селото С’лп, каде повеќе денови гореше од велешката страна.
„Таму сега имаме само остатоци. Пожарот е целосно исконтролиран, благодарение на велешките пожарникари. На други места немаме алармантни пожари“, додаде првиот човек на ДЗС.













