Скопскиот Кривичен суд објави една од двете пресуди со спогодба меѓу обвинетите и обвинителството за шверцот на пет тони марихуана од Македонија во Србија. Спогодбата е со обвинетиот Драган Стојанов од Кочани кој се спогоди со обвинителството за три и пол години затвор, а судот ја прифати спогодбата.
Кочанчанецот Стојанов беше во притвор, кога во февруари во Македонија беше отворена истрагата за шверцот на канабис. Во судските списи кои ги сподели скопскиот Кривичен суд стои дека Стојанов учествувал во вкупно пет транспорти на марихуана преку границата или како возач на придружба или како чистач пред транспортот.
Првите два транспорта биле во средината на август во 2025 година, третиот транспорт бил во септември, четвртиот во ноември лани, а последниот бил на 13 јануари 2026, односно на православна или стара Нова Година.
Во три наврати дрогата била сменета со перници, јоргани и постелнина во камионите, еднаш камионот бил пријавен како празен, а всушност имало марихуана и еднаш марихуаната била ставена наместо царинетите тортички, ролати и кори за торта.
За секој транспорт, Стојанов добивал по 10.000 евра „хонорар” спакуван во пластична ќеса. Дрогата била транспортирана во местото Коњух во Србија, каде и осудениот Стојанов бил неколкупати, стои во спогодбата.
Освен затворска пресуда од три години и шест месеци, Стојанов треба да плати и судски трошоци во висина од околу 20.000 денари. Нема одлука за одземање на други парични средства кои ги заработил со учеството во шверцот.
Одземени му се телефон ајфон 17 ПРО со две картички и над 130 кутии со различни перници и постелнина кои биле најдени при претрес во објект на таткото на Драган Стојанов. Перниците (наведени се миризливи, потпирачи, па дури и јастуци против хрчење) детално се наведени во спогодбата, но нема прецизен приказ колку Стојанов заработил со криминалот, односно воопшто нема објаснување за да се одземат тие придобивки од наркотрговијата. Стојанов во притвор помина точно шест месеци и му остануваат уште три години затвор за лежење.
Спогодбата ја иницирале осомничениот Стојанов и неговиот адвокат на 04.08.2026., а прифатена е од обвинителството и потврдена од судот на 10 август.
Во случајот се вмешани и сопствениците и управителот на скопската фирма „Алфафарм груп“ и тие се осомничени за организатори на групата која пет пати успешно организирале прекуграничен шверц на марихуана во период пократок од пет месеци. Аферата „пукна” кога српското обвинителство при истрага го откри складот во Коњух со пет тони марихуана „made in Macedonia”.
Миомир Серафиновиќ

Уште седуммина се осомничени во македонскиот дел од истрагата за шверцот на петте тони марихуана од Македонија во Србија. Со тоа бројот на осомничени во Македонија се искачи на 13, додека во Србија е поднесено обвинение за уште шестмина. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) доцна попладнево соопшти дека новите осомничени се… Продолжи со читање













