Сипаниците уништија меѓу 7.000 и 10.000 грла овци. Сточарите се жалат дека се доцни со мерки додека секојдневно се убиваат големи стада овци. Тие денеска од пред Владата побараа надлежните што поскоро да набават соодветна вакцина, со цел да се заштити сточниот фонд бидејќи на таа тема се преговарало повеќе од еден месец.
- „Досега имаме над 50 жаришта, имаме околу 40-50 уништени стада и околу 40 фамилии останаа без леб, на улица остануваат, немаат со што да се занимаваат. Тука позади мене се и голем број од тие чии стада се уништени и бараме што побргу да ги обештетат тие луѓе“, вели Насер Џемаили – претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.
- „Да станеш ти сабајле од спиење и да гледаш цело стадо ти е болно што живееш од тие и да не знаеш што да правиш, тоа е нешто жално. Ние живееме од тие овци. Да речеме јас, ние од мајка ми, од татко ми, до сега сме со тие овци. И сега решението да биде да ни ги убијат?! За нас тоа не е решение. Тоа е катастрофа за нас. Решение ни нудат нас дека ќе ни се убијат овците. Па ние од тие овци живееме цела фамилија. Што ќе правиме ние? И да ни ги обештетат за срамотни 100 денари по кило“, вели Елмис Зекир – член на УО на Сојуз на одгледувачи на овци.
- „Единствениот аргумент зошто да не ги вакцинираме додека се борат со спречување на болеста е од причина што можеби ЕУ ќе ни даде забрана за извоз. Меѓутоа, ни тука нема официјални податоци дали ќе ни даде, колку забрана ќе ни даде зашто реално ниту месото од болеста е штетно по луѓето, ниту месото после вакцинација“, вели Милена Величковиќ – член на УО на Сојуз на одгледувачи на овци.
Надлежните тврдат дека секојдневно ја следат состојбата, а очекуваат експертска поддршка од ЕУ. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека веќе побарале од ЕУ и Турција да ни донираат вакцини.
- „Ние веќе пративме допис уште претходнава недела, во соработка со турската амбасада, дека една од вакцините коишто е безбедна и одговара — очекуваме 500.000 вакцини да бидат стигнати“, кажа Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Од Сојузот на одгледувачи на овци алармираат и дека очајната состојба ги принудува дел од сточарите самостојно да ги вакцинираат своите стада, што претставува дополнителна опасност поради тоа што станува збор за непроверени вакцини.
Од Министерството за земјоделство ги предупредуваат сточарите да не набавуваат и ставаат вакцини без одобрение од АХВ, инаку ќе бидат санкционирани.
- „Во таков случај, сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени заради сузбивање и искоренување на болеста. Вакцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби, според официјален план и под непосреден надзор на АХВ“, велат од Министерството за земјоделство.
Сточниот фонд во земјава континуирано се намалува и во последните две децении е преполовен. Според Државниот завод за статистика, лани во земјава се одгледувале околу 470.000 овци, но сточарите тврдат дека бројот е многу помал.
Мирјана Јовеска
Б.С.












