Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека по негова наредба САД „значително ќе ги намалат“ заедничките воени вежби со Јужна Кореја, повикувајќи се на неговите, како што ги опиша – „многу добри односи“ со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Трамп, на Truth Social исто така напиша и дека Јужна Кореја неодамна одбила да им се придружи на САД во „денуклеаризацијата“ на Иран, алудирајќи на воената операција која Соединетите држави и Израел унилатерално ја започнаа против исламската република.
„Овие вежби не само што се скапи, при што голем дел од трошоците ги плаќаат Соединетите Американски Држави (како и вообичаено!), туку испраќаат сигнал кој е целосно несоодветен и непријателски“, напиша Трамп.
Од Сеул соопштија дека ги разгледуваат коментарите на Трамп и додадоа дека се надеваат оти добрите односи меѓу Вашингтон и Пјонгјанг би можеле да доведат до суштински разговори. Пјонгјанг засега не ги коментирал изјавите.
Објавата на Трамп дојде помалку од 24 часа откако тој објави стара фотографија од него и Ким од 2019 година, напишувајќи дека двајцата се големи пријатели, „и покрај непријателскиот изглед на оваа конкретна фотографија“.













