Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Чаша вода по пет недели голгота – крај на кризата во Гостивар

/

Македонија

Сподели преку :

Жителите на Гостивар конечно ја дочекаа веста дека водата е безбедна за пиење. Ја соопшти главниот кризен штаб, врз основа на резултатите од последните тестирања кои покажале дека сите параметри се како што треба да бидат и во рамките на нормалата.

Голготата на гостиварци траеше еден месец, а на прашањето како ги издржаа летните горештини без вода – одговараат: јадевме сува храна, се капевме понекогаш.

  • „Имаше пунктови од каде што нѝ даваа вода и од тука нешто земавме. За бањање кога можевме, некогаш ќе се избањавме, некогаш не. А, за готвењето повеќе на сува храна“, кажа еден жител на Гостивар. 
  • „Тешко! Плаќавме, одев во продавница, купував. Тоа е. Техничката вода може да се употреби за миење и тие работи, за бањање гледав да се пазам јас, микробите преку уста и нос влегуваат. 77 години ќе наполнам, ваква ситуација не памтам некогаш да имало“, додава уште еден од анкетираните. 

Надлежните се обидоа да го сузбијат стравот кај жителите, со личен пример. Завршија со прес-конференцијата, излегоа надвор од зградата и испија чаша вода од најблиската чешма.

Проверките на квалитетот на водата продолжуваат и во следниот период.

„По еден месец голгота за жителите на Гостивар, водата од градскиот водовод односно водата којашто тече од чешмите во градот веќе е безбедна за пиење. Но, институциите сега не препуштаат ништо на случајот, па забележавме екипи коишто и денеска дојдоа да земаат примероци за да анализираат и во следните денови.“

Водата била микробиолошки исправна уште кон крајот на минатата недела, велат од Агенцијата за храна. Но, сѐ уште имало зголемено ниво на резидуален хлор, како последица од дезинфекцијата со процесот на хиперхлорирање. Последните испитувања на примероци земени од повеќе места покажале дека и тоа е средено сега.

Испитувањата се правени во лабораториите на Институтот за јавно здравје и скопски Водовод.

  • „На граѓаните им се порачува пред да ја користат водата за пиење да ја остават да истече од чешмата неколку секунди, особено доколку водата подолго време не била пуштена од конкретната чешма“, изјави Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. 
  • „Испитувани се маркети, бензински пумпи, ресторани, населбата Балин Дол, детски градинки се испитувани во мерните места. Земени се примероци воедно и од примарниот цевковод. Така што, кога докажуваме дека водата е санитарно исправна и безбедна за пиење од примарниот цевковод, секако дека и до граѓаните ќе стигне санитарно исправна и безбедна вода за пиење“, изјави Емилија Аневска, раководител на Секторот за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. 

А, опозицијата и денеска жестоко реагира дека додека Гостивар пет недели се соочува со криза со водата, премиерот и министерот за здравство се на „екскурзија“. Од СДСМ со обвинување до власта дека е отсутна и без конкретно решение.

„Мицкоски ниту еднаш не ги посети, не отиде во Гостивар. Испрати неколку цистерни вода за цел град“, изјави Маја Борозан од СДСМ. 

Проблемот со водата во Гостивар започнал уште на 25 јуни кога според Обвинителството биле поставени три пумпи во каптажата, преку кои фекално-контаминирана вода влегла во водоводниот систем.

Во средината на јули, пет илјади луѓе пројавија симптоми и проблеми по конзумирање на водата. Обвинителство води истрага и три лица се опфатени со постапката.

Петар Догов

Jumbo 2