Кривичниот законик во актуелната форма не предвидува казни и кривични дела поврзани со ширење на дезинформации кои предизвикуваат паника, страв и несигурност меѓу граѓаните. Телма се консултираше со припадници на службите кои го истражуваат случајот со масовно ширење на паничните деизнформации за загадена вода во скопскиот водовод пред два дена, но и со правници и обвинители; и сите толкуваат дека многу тешко е да се поднесе кривична пријава за конкретно дело. Дефинициите на терористичките дела во Законот предвидуваат како последица предизвикување страв, паника или несигурност- но најважна карактеристика на тие дела се конкретни активности на уништување или оштетување на системи за вода или активности со закани и извршено насилство.
Иако во повеќе држави, како во Црна Гора, ширењето на дезинформации за да се наштети на функционирањето и довербата во државните и локалните системи за снабдување меѓу кои и водоводни мрежи, веќе се основа за кривичен прогон, во Македонија досега не е дефинирано такво кривично дело.
Во подготвувањето на новиот предлог Кривичен законик кој е на разгледување од 2024-та година, имало сугестии за воведување на кривично дело со дезинформации, но поради различниот став на учесниците во работната група- во предлог законот е ставена формулација на кривично дело за ширење на дезинформации поврзани само со банкарскиот сектор.
Криминализирањето на останатите дезинформации кои влијаат врз довербата во системи како водоводната мрежа е отфрлено поради стравот од можни злоупотреби против новинари, активисти и политички противници. Сличен проблем имаше и со ширење дезинформации и лажни вести во време на пандемијата со корона.
Што се однесува до водата во Скопје, МВР и натаму го истражува случајот и се бара изворот на првичните дезинформации кои се ширеа по социјални мрежи и други комуникации. Досега вкупно 13 лица се повикани на разговор и систе тврделе дека слушнале од друг за загадената вода која на крај излезе дека е исправна и безбедна за пиење.
Миомир Серафиновиќ













